Струјата во Киев е „речиси целосно“ вратена

Илустративна фотографија/ Киев

Електричната енергија, снабдувањето со вода, како и топлината и комуникациите се „речиси целосно“ обновени во Киев, соопшти градската воена администрација на 27 ноември.

Оттаму велат дека „можни се прекини поради оптоварувањето на електричната мрежа“.

Десетици илјади жители на главниот град на Украина останаа без електрична енергија по интензивните руски напади.

Според проценките на градските власти, вчера околу 130.000 луѓе во тримилионската метропола беа погодени од прекините во снабдувањето со струја.

Видете и ова: Украина со напори за целосно враќање на струјата, критики од Зеленски кон Кличко

Ова беше причина и за први критики од почетокот на војната од украинскиот претседател Володомир Зеленски кон градоначалникот на Киев Виталиј Кличко за, како што рече, лошата работа во поставувањето засолништа за итни случаи, за да им помогне на оние без струја и топлина по руските напади.

Украина воспостави илјадници „центри за непобедливост“ каде што луѓето можат да пристапат до топлинска енергија, вода, интернет и телефонска врска. Сепак Зеленски рече дека Кличко и неговите службеници не направиле доволно и дека е „потребно повеќе работа“.

Последните руски напади врз инфраструктурата, дополнително ги зголемија стравувањата на Украинците дека им претстои тешка зима.