Втора размена на воени затвореници за една недела меѓу Русија и Украина

Илустрација, украински војници

Москва и Киев разменија по 50 воени заробеници од секоја страна на 24 ноември, еден ден откако десетици беа вратени во друга размена. Шефот на канцеларијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак, ја потврди последната размена за украинската страна.

Тој рече дека се вратени 20 припадници на Национална гарда, 10 армиски војници, 12 маринци, шест граничари и двајца одбранбени борци. Јермак рече дека 19 од нив се меѓу заробените по еднонеделната опсада на руските сили на металницата Азовстал, 15 биле заробени во поранешната нуклеарна централа во Чернобил, а седуммина биле заробени на Змискиот остров.

Руското Министерство за одбрана и шефот на сепаратистите поддржани од Русија во регионот на Доњецк, Денис Пушилин, потврдија дека украинските сили и предале на руската страна еднаков број затвореници.

„Ослободениот воен персонал ќе биде доставен во Москва со авиони на воената транспортна авијација на руските воздушни сили за лекување и рехабилитација во медицинските установи на руското Министерство за одбрана“, се вели во соопштението на Министерството.

Видете и ова: ОН објавија дека и Русија и Украина мачеле воени затвореници

Размената на 24 ноември доаѓа еден ден по другата размена на затвореници во која 36 лица беа вратени во Украина и 35 руски војници беа вратени во Москва.

Претставници од Русија и Украина се состанаа во Обединетите Арапски Емирати минатата недела за да разговараат за можноста за размена на воени заробеници, која наводно е поврзана со обновување на рускиот извоз на амонијак, кој оди во Азија и Африка.