Снабдувањето со струја и вода обновено во украинските градови по разорните напади

Киев

Снабдувањето со електрична енергија и вода беа обновени во украинските градови, вклучително и Киев, еден ден откако руските сили лансираа уште еден разурнувачки ракетен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, што ги предизвика најголемите прекини во Киев од почетокот на војната пред девет месеци. „Енергетските инженери и специјалисти работеа цела ноќ“ за да го обноват снабдувањето со електрична енергија и вода, напиша градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на Телеграм. Кличко наведе дека околу 70 отсто од Киев во раните утрински часови сè уште останува без електрична енергија. Но, струјата беше обновена во повеќето делови на градот за неколку часа откако трите нуклеарни централи кои сè уште се под контрола на Украина беа повторно приклучени на електричната мрежа, помагајќи да се олеснат проблемите со снабдувањето. Водоснабдувањето е обновено во половина Киев на левиот брег на реката Дњепар во утринските часови, рече Кличко.

Зеленски апелира до Советот за безбедност за акција за прекин со руските напади врз инфраструктурата

Руската војска истрела околу 67 крстаречки ракети и 10 беспилотни летала за време на вчерашниот напад кои, според Киев, главно биле насочени кон енергетската инфраструктура и нанесувајќи поголема штета на веќе погодената електроенергетска мрежа на Украина. Тоа го зголеми страдањето на цивилите бидејќи температурата се спушти под нула Целзиусови степени во текот на ноќта во Киев кој имаше 2,8 милиони жители пред војната. Русија започна со разорни напади врз енергетската инфраструктура на Украина, бидејќи нејзините сили претрпеа неуспеси на бојното поле во нејзината брутална инвазија на Украина, која започна на 24 февруари.