По последниот напад на клубот „Цар Борис Трети“, Софија ќе ѝ врачи демарш на македонската амбасадорка

Бугарскиот клуб во Македонија „Цар Борис Трети“

Македонската амбасадорка во Бугарија Агнеса Руси-Поповска денеска во Софија ќе биде повикана во тамошното Министерството за надворешни работи и ќе ѝ биде врачен остар демарш по повод вооружениот напад на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, јавуваат бугарските медиуми. Се додава дека бугарските дипломати и европратеници детално го информирале раководството на Европската комисија за инцидентот во Охрид. „Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола Димитар Иванов. Само во просториите на клубот внатре биле пронајдени 8 чаури. Се појаснува дека има снимка на која јасно се гледа автомобилот од кој се пукало“, објави БГНЕС.

Бугарското МНР го осуди оштетувањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид

Министерството за надворешни работи на Македонија изрази жалење за инцидентот и ги повика надлежните институции да ги преземат неопходните мерки за откривање на сторителите и да ги преземат неопходните мерки за гарантирање на работата на овој и на сите други граѓански клубови во државата. Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен на 7 октомври.

Отворањето на клубот во Охрид и претходно на културниот центар Иван Михајлов Битола, кои носат имиња на контроверзни личности, наиде на реакции, протести и незадоволство кај македонската јавност и кај политичарите.

Собранието на 2 ноември годинава изгласа измени на Законот за здруженија и фондации со кои здруженијата имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар.