Протести во најголемата фабрика за Ајфони во Кина

Големи протести денеска биле организирани во најголемата фабрика за производство на Ајфони во Кина, која е во сопственост на тајванскиот производител Фокскон, покажуваат снимките објавени на социјалните мрежи Веибо и Твитер.

На фотографиите се гледаат бројни работници кои одат по улиците, а се гледаат и луѓе во бели заштитни одела и полиција за сузбивање демонстрации.

Според вработените и видео снимките објавени денеска, работниците протестираат поради спорните работни договори и ковид-контролите.

Видете и ова: Затворен „Дизниленд“ во Шангај поради корона - посетителите не можат да излезат без негативен тест

На една од снимките се гледа како работниците извикуваат „Ги браниме нашите права“ пред кордони полиција и полициски возила со запалени ротациони светла.

Фабриката за наоѓа во Џенгџу во централната провинција Хенан.
Во комплексот има вработено над 200 илјади луѓе, кои главно се сместени во кругот на фабриката.

Во последните месеци во фабриката во Џенгџу е забележан пораст на бројот на случаи на ковид-19. Компанијата Фокскон одлучи да ја заклучи фабриката и работниците во неа поради заразата, но стотици работници после таа одлука избегаа, кон крајот на минатиот месец.

Таа тајванска корпорација е најголемиот работодавач во приватниот сектор во Кина, со повеќе од еден милион вработени ширум земјата во 30 фабрики и институти за истражување.

Фокскон засега не се огласи околу овие протести.