ЕУ предложи максималната цена на гасот да биде 275 евра за мегават час

Илустративна фотографија

Европската комисија предложи максималната цена на гасот да биде 275 евра за мегават час, изјави еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон. Горната граница би била воведена за една година од 1 јануари.

Комисијата се надева дека ограничувањето ќе им помогне на земјите-членки да ги намалат цените на енергијата за домовите и деловните субјекти, кои достигнаа рекордно високо ниво годинава, откако руската инвазија на Украина доведе до инфлација и намалување на трошоците за живот.

На 24 ноември министрите за енергетика од 27 земји-членки на Унијата ќе разговараат за предлозите.

Идејата за ограничување на цените доведе до постојани несогласувања меѓу 27-те земји-членки на ЕУ. Белгија, Грција, Италија и Полска бараат ограничување на цената на гасот, додека Германија, најголемата економија во блокот, е против.

Германија рече дека ограничувањето може да го отежне привлекувањето на многу потребните резерви на гас и да го намали поттикот за ограничување на потрошувачката на гас кога земјите треба да заштедат гориво и да ги заменат руските резерви.

Комисијата предложи ограничување на цените на рускиот гас во септември, но се откажа од идејата по отпорот на земјите од централна и источна Европа, загрижени дека Москва ќе возврати со прекинување на гасот што им го испраќа.

Европа се потпираше на Русија за приближно 40 отсто од увозот на гас пред Москва да ја нападне Украина. Тој удел падна на околу осум отсто бидејќи Русија прекина испораки за Европа.