Германскиот амбасадор во Косово: Бесмислено е влошување на ситуацијата поради табличките

германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде.

Апсурдно е да се ризикува влошување на ситуацијата поради регистарските таблички, изјави германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде.

„Добро е што високиот претставник Мирослав Лајчак има повеќе време да работи со страните на решение. Повторувам, апсурдно е да се ризикува да се влоши ситуацијата поради регистарските таблички. Ни требаат повеќе државнички способности, помалку ризични потези“, напиша Роде на Твитер.

Косовскиот премиер Албин Курти на барање на САД одлучи да го одложи спроведувањето на втората фаза од одлуката за регистарски таблички за 48 часа.

Видете и ова: Курти го одложи изрекувањето на казните за 48 часа на предлог на амбасадата на САД

Косовската полиција претходно соопшти дека од 22 ноември ќе почне да изрекува казни за возачите кои не ги замениле регистарските таблички издадени од српските власти во РКС (Република Косово).

Табличките РКС на кои инсистира Владата на Косово, не се прифатливи за Белград и за Србите на северот на Косово.

Итната средба меѓу Курти и Вучиќ во Брисел на 21 ноември не резултираше со договор.

Косово и Србија ги започнаа преговорите за нормализација на односите во 2011 година, со посредство на Европската унија.