Финансиска полиција со кривична за Европска очна болница

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две лица - управители на приватната очна болница „ ЕУРОПЕАН ЕЈЕ ХОСПИТАЛ Скопје“.

Пријавените лица, во период од 2011 до 2020 година набавиле повеќе видови медицински средства од сомнително потекло, односно од непознати производители и добавувачи, при тоа истите не ги евидентирале во нивното сметководство како набавени, соопшти Финансиска полиција.

„Медицинските средства се ставени во промет на начин што ги вградувале кај пациенти при извршени оперативни зафати, иако истите не се запишани во Регистарот на медицински средства, не се одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД), ниту пак се во согласност со пропишаните услови во Законот за лекови и медицински средства“, стои во соопштението.

Видете и ова: Ревизорите утврдиле повеќе неправилности кај Агенцијата за млади и спорт

Управителите не ги евидентирале тие медицински средства, но ги наплаќале од пациентите, а наплаќале и партиципација на штета на Фондот за здравствено осигурување. Вкупната материјална штета што ја направиле изнесува 45.845.541 денари, велат од Финансиска полиција.