Црвен крст – Сè повеќе Авганистанци ќе се борат за живот

Сè повеќе Авганистанци ќе се борат за опстанок како што ќе се влошуваат условите за живот во годината што следи, изјави висок функционер на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во интервју за Вашингтон пост.

Земјата се подготвува за својата втора зима под талибанско владеење. По преземањето на власта во август 2021 година, дојде до економски застој, а милиони луѓе беа доведени во сиромаштија и глад, бидејќи странската помош престана речиси преку ноќ.

„Економските тешкотии се тука. Тоа е многу сериозно и луѓето ќе се борат за своите животи“, рече Мартин Шуеп, директор за операции во Црвениот крст, во интервју објавено доцна во неделата.

Почетокот на зимата ќе ги влоши акутните хуманитарни потреби со кои веќе се соочува половина земја, истакна Шуеп.

„Гледаме сè повеќе Авганистанци кои мораат да ги продаваат своите работи за да врзат крај со крај“, рече директорот на Црвен крст.

Видете и ова: Врховниот авганистански лидер нареди целосно спроведување на шеријатот

Ниту една земја во светот не го призна Исламскиот емират Авганистан, како што талибанците ја нарекуваат својата администрација, оставајќи ги меѓународно изолирани. Религиозната група претходно владееше со Авганистан во 1990-тите години и беше соборена со инвазија на САД во 2001 година.