САД се надеваат дека Србија и Косово ќе постигнат договор

Архивска фотографија - Специјалниот претставник на ЕУ за Белград-Приштина Мирослав Лајчак со косовскиот премиер и српскиот претседател.

Соединетите Американски Држави (САД) се надеваат дека Србија и Косово ќе постигнат договор „во наредните денови со поддршка на специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ), соопштија од американскиот Стејт департмент.

„Ние активно ги поддржуваме овие напори“, се вели во писмениот одговор на Стејт департментот на прашањето на балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) за очекувањата од средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти закажана за понеделник, 21 ноември.

„САД се согласуваат со ЕУ дека неодамнешните настани се вознемирувачки и го загрозија важниот напредок постигнат во дијалогот што го води Европската унија“, се вели во писменото соопштение на Стејт департментот.

Исто така, се нагласува дека „сите страни мора да преземат чекори за намалување на тензиите и обезбедување мир и стабилност“.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ утринава изјави дека не е оптимист дека ќе се изнајде решение. „Одам во Брисел. Мислам дека не можеме ништо, но одам за да не и дадам доволно причини на Србија да биде обвинета дека не сака да направи ништо“, рече Вучиќ во гостувањето на српската телевизија Прва на 20 ноември.

Косовската полиција најави казни за возачите со српски таблички од 22 ноември

Односите меѓу Белград и Приштина се затегнати поради неодамнешната одлука на косовската влада да започне со спроведување на одлуката за укинување на регистарските таблички издадени од српските власти за возилата што главно ги користат Србите на северот на Косово.