Од Славјанка Петровска до Шакира

КАТАР - Организаторите на Светското првенство и ФИФА, Светското фудбалско раководно тело, се договорија да забранат продажба на целото пиво со алкохол на осумте стадиони што се користат за фудбалскиот турнир.

ФИНСКА - Изградбата на планираната ограда со бодликава жица долж долгата граница на Финска со Русија ќе започне на почетокот на следната година, соопштија претставници на финската гранична стража на 18 ноември.

СРБИЈА / КОСОВО - Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе одржат средба в недела на 20 ноември или најдоцна в понеделник на 21 ноември, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од сигурни извори во Брисел.

УКРАИНА - Речиси половина од енергетската инфраструктура во Украина е оневозможена од руските напади, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал на 18 ноември. Москва продолжува со нападите што предизвикуваат прекин на гасот и струјата, а украинските сили ги одбиваат руските напади на исток.

САД - Колумбиската пејачка Шакира нема да пее на церемонијата за отворање на Светското првенство во Катар в недела, објави денеска шпанската новинска агенција ЕФЕ, повикувајќи се на неименувани извори блиски до пејачката. Последните денови се шпекулираше дека Шакира ќе настапи в недела, пренесува Бета.

МАКЕДОНИЈА / САД - Американската амбасадорка Анџела Агелер го критикуваше изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК). Во писмен одговор на прашања за редакцијата на „360 степени“, таа изразува отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука информира дека вчера почнала испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование. Според најавите, до крајот на овој месец ќе биде завршена дистрибуцијата на 70 проценти од учебниците за овие одделенија.

МАКЕДОНИЈА - Службите испитуваат дали имало безбедносен пропуст за време на сведочењето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски на затворената седница на собраниската Комисијата за надзор на работата на безбедносните служби. На комисиската седнива присуствуваа само пратеници кои имаат безбедносен сертификат. Димовски пред пратениците требаше да објасни како Украинецот Олександар Онишченко, кој е на американската „црна листа“, добил македонско државјанство.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по завршувањето на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата изјави дека засега не е разговарано за влез на паријата во Владата. На средбата појасни дека било зборувано за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава и блокираните европските закони во Собранието.

МАКЕДОНИЈА - Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Димитар Ковачки обвини дека Министерката за одбрана Славјанка Петровска, криела луксузен имот, односно во својот Анкетен лист до ДКСК пријавила само долгови, два кредити и една кредитна картичка, ама не и луксузен имот во Радишани. Петровска ги демантираше обвинувањата и побара извинување од Ковачки
кој на прес-конференција ги изнесе овие тврдења.