Украинците јавуваат за тешки борби на истокот, додека Русија цели на енергетските капацитети

Илустративна фотографија/ Артилериско возило пука во близина на Бахмут, регионот Доњецк, Украина, 10 ноември 2022 година

Украинските сили одбија повеќе руски напади на исток, соопшти денеска војската додека Москва продолжува да ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина, предизвикувајќи недостиг и прекини во снабдувањето со струја и гас на почетокот на студената сезона.

Генералштабот на украинските вооружени сили соопшти дека војската се борела против руските офанзиви на осум локации во источните региони Доњецк и Луганск.

Претседателот Володимир Зеленски во своето редовно ноќно обраќање рече дека 10 милиони Украинци останале без струја по новиот бран ракетни напади од страна на Русија.

Најмалку седум лица загинаа во нападите, при што се очекува оваа бројка да расте.

„Правиме се за да го нормализираме снабдувањето“, рече Зеленски.

Украинската воздушна одбрана успеа да собори шест крстосувачки ракети и пет беспилотни летала, додаде тој.

Русија на 17 ноември ја нападна Украина со нов бран проектили, погодувајќи повеќе енергетски инсталации и цивилни згради, во помалку од два дена по едно од нејзините најтешки бомбардирања од почетокот на војната.

Украинските специјалисти кои работат деноноќно ја вратија електричната енергија на околу 70 отсто од потрошувачите во голем број региони во централна Украина, соопштија властите, но предупредија дека работата е забавена поради нагазни мини поставени од повлекувањето на руските сили во регионот Херсон.

Националната компанија за електрична енергија истакна дека во бранот руски ракетни напади на 15 ноември се оштетени 15 енергетски објекти, а како резултат на тоа илјадници километри од главните високонапонски линии не работат.

Во источна Украина, Русија „покрена масовен напад врз инфраструктурата за производство на гас“, рече шефот на државната енергетска компанија Нафтогас, Олексеј Чернишов. Тој не даде детали.

Во меѓувреме, истражителите во неодамна ослободениот јужен регион Херсон во Украина открија 63 тела со знаци на тортура по заминувањето на руските сили, изјави министерот за внатрешни работи Денис Монастирски на националната телевизија.

Дмитро Лубинец, комесар за човекови права во парламентот во четвртокот објави видео од, како што рече, комората за мачење што ја користеле руските сили во Херсон, вклучително и мала соба во која, како што рече, биле чувани до 25 луѓе истовремено. Ова видео тој вчера го сподели на социјалните мрежи.

Руските сили повлекувањето од Херсон го почнаа минатата недела по шти следеа нападите врз енергетската инфраструктура на Украина. Руската воена инвазија во соседната земја почна на 24 февруари.