Илјадници граѓани синоќа протестираа во Црна Гора со барање за нови избори

Протест во Подгорица

Повеќе од десет илјади луѓе синоќа излегоа на протест пред црногорскиот парламент во Подгорица барајќи повлекување на законот за претседателски овластувања и предвремени избори.

Протестот беше организиран од движењето „Нѐ има нас“, кое ја има поддршката на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ и нејзините сојузници.

На митингот учествуваа луѓе од сите делови на Црна Гора, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Нѐ има нас, за Црна Гора, за ЕУ“ и „Сакаме избори“. Тие вееја и црногорски национални знамиња, како и знамиња на ЕУ и САД. Немаше инциденти на настанот, кој се одржа во услови на силно полициско присуство.

Говорниците кои се обратија пред толпата упатија обвинувања против партиите кои имаат мнозинство во парламентот предводени од прорускиот Демократски фронт, Демократите и Граѓанското движење на Ура, кои одбиваат да распишат предвремени избори во последните два месеци и кои допрва треба да формираат нова влада.

Пратеникот на Демократската партија на социјалистите Никола Јановиќ го повтори барањето на опозицијата за одржување нови избори.

„Да се измериме пред граѓаните, граѓаните да ги стават сите на свое место и Црна Гора да биде повторно слободна по овие избори. Понижувањето на оваа земја мора да престане“, рече Јановиќ.

Црна Гора е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија.

Земјата со 620.000 жители прогласи независност од Србија во 2006 година, но околу една третина од нејзиното население се идентификува како Срби, а некои веруваат дека Црна Гора не треба да биде посебна земја.

Небојша Мрваљевиќ од Форумот на слободни граѓани и организатор на протестот рече дека петицијата за одржување на предвремени парламентарни избори досега ја потпишале 30.000 граѓани.

Меѓу политичарите кои учествуваа на митингот имаше функционери од опозициската ДПС, Социјалдемократската партија, Социјалдемократите и Либералната партија.

Со измена на законот за претседателски овластувања, актуелното парламентарно мнозинство се обидува да пренесе дел од овластувањата на Ѓукановиќ за номинирање кандидати за парламентот.

Опозицијата смета дека повикот за предвремени парламентарни избори е излез од политичката криза во која се наоѓа Црна Гора по падот на две влади од почетокот на годинава.