Австралија му даде виза на Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ добил виза да се натпреварува на Австралија Опен во јануари 2023 година, потврди австралиската влада.

Ѓоковиќ на 16 јануари годинава беше депортиран од Австралија каде требаше да настапи на овој турнир, бидејќи не беше вакциниран против корона вирусот, поради што австралиските власти му ја укинаа визата.

Министерот за имиграција на Австралија, Ендрју Гилес изјави дека го одобрил барањето на Ѓоковиќ за виза, бидејќи веќе нема основа за забрана.

„На г-дин Ѓоковиќ му беше одобрена привремена виза за влез во Австралија“, се вели во соопштението на Гилс.

Ѓоковиќ потврди дека добил виза и дека бил информиран за одлуката на австралиската влада на 15 ноември.

Ѓоковиќ се откажа од американскиот турнир поради ковид-правилата

„Бев многу среќен кога ја примив веста. Тоа е олеснување по сето она што јас и моите блиски луѓе го поминавме оваа година во Австралија и потоа“, рече Ѓоковиќ.

Тој додаде дека „Австралија опен“ е неговиот најуспешен слем.

„Таму направив прекрасни спомени и секако сакам да се вратам таму да играм тенис“, рече тој.

Ѓоковиќ рекордни девет пати го освои „Австралија опен“.