Српските пратеници положија заклетва во косовското Собрание

Десет претставници од српската заедница дадоа заклетва во Собранието на Косово на 17 ноември 2022 година

Десет пратеници од српската заедница дадоа заклетва во Собранието на Косово, од кои девет од Српската листа, водечката политичка партија на Србите на Косово со поддршка на Белград. Но, тие веднаш потоа ја напуштија седницата и најавија дека не се враќаат во косовските институции.

Собранието на Косово има 120 пратеници, од кои десет мандати се резервирани за српската заедница, а новите пратеници ќе ги заменат пратениците од Српската листа кои победија на изборите во февруари 2021 година.

Српската листа на 17 ноември објави дека девет пратеници на Српската листа технички ги верификувале мандатите и веднаш ја напуштиле собраниската седница.

„Потенцираме дека оваа стратешка и политичка одлука на никаков начин нема да го запре процесот на напуштање на косовските институции на северот на Косово, со што се затвораат сите косовски институции на таа територија, а како одговор на кршењето на Бриселскиот договор, малтретирањето на српскиот народ и газење на сите човекови права“, се наведува во соопштението.

Вигемарк: Состојбата во северно Косово е „кревка“

Пратениците од редовите на српската заедница претходно поднесоа оставки за да се спротивстават на одлуката на Владата на Косово да ја спроведе одлуката за пререгистрација на возилата со регистарски таблички издадени од Србија за градовите во Косово.

Покрај пратениците во Собранието, на почетокот на ноември оставка од министерската функција во Владата на Албин Курти поднесоа и претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, како и градоначалниците на четири општини на северот на Косово.

Излегувањето на Србите од косовските институции дојде откако директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ беше разрешен бидејќи одбил да ја спроведе владината одлука за пререгистрација на автомобили.