Студентски марш за повеќе права и подобар стандард

Македонија - Студентски протест во Скопје против мерките за кратење пари за студентите, пред Собранието на РСМ, 14 ноември 2022 година

Меѓународниот ден на студентите, македонските студенти ќе го одбележат со студентски марш од Владата до Министерството за образование.

Универзитетските студентски собранија на повеќе универзитети во земјава како и движењето „Студентски отпор“ попладне од 17.30 часот ќе го започнат маршот на кој како што велат, ќе побараат државата да одвои повеќе пари за подобрување на условите во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки и целосно спроведување на Законот за студентски оброк.

Од Универзитетското Собрание на УКИМ ги повикаа и професорите да се приклучат на маршот.

„Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард“, се наведува во објавата на УСС на УКИМ.

Студентите ја добија битката, но отпорот продолжува

Во 13 часот, пак во Клубот за младински прашања и политики во Парламентот ќе организира средба со Универзитетското студентско собрание чија цел е, како што изјави претседателот на УСС на УКИМ Славчо Темелковски , изработка на акциски план за подобрување на условите во студентските домови.На средбата се очекува да присуствуваат директорите и претседателите на студентските домови и на сите универзитетски студентски собранија, пратеници, како и претставници на Министерството за образование и наука.

Студентски протест се одржа и пред три дена против предлог мерките на дел од пратениците со кои се предвидуваше кратење на правото на субвенциониран студентски оброк за одредени категории на студенти, по што предлозите беа повлечени.