Грковска и Агелер се согласиле за поефикасен пристап во однос на антикорупциските политики

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска со амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретнала со новоименуваната амбасадорка на САД, Анџела Прајс Агелер.

Грковска, како што соопшти нејзиниот кабинет, изразила уверување дека со оглед на нејзиното искуство и одлучност, ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, зајакнување на соработката, но и поефикасен пристап во борбата против корупцијата. Двете соговорнички, според соопштението, разговарале за потребата за промена на пристапот во однос на антикорупциските политики, со цел да се постигнат подобри резултати.

Амбасадорката Агелер, како што се наведува, ги поздравила напорите што Грковска и нејзиниот кабинет ги преземаат во делот на зајакнување на транспарентноста на институциите, како клучна алатка во борбата против корупцијата. Грковска пак се заблагодарила за континуираната американска помош, како во однос на нашиот евроинтеграциски пат, така и во однос на јакнење на капацитетите во сите области.

На состанокот станало збор и за поддршката што САД ја обезбедува на Северна Македонија во делот на процесот за дигитална трансформација на општеството, што било оценето како клучен процес за зајакнување на капацитетите, одговорноста и професионалноста на институциите.

На Сенатската комисија за надворешни работи кога Агелер имаше сослушување за нејзината номинација, најави дека ќе работи „да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.