Поделеност на самитот Г 20 поради обидот да се осуди руската инвазија врз Украина

Знакот на Групата 20 во Бали пред почетокот на Самитот, 15 ноември 2022 година.

На самитот на Групата 20 (Г 20) кој се одржува во Бали се појавија несогласувања откако САД и нивните сојузници ја поддржаа резолуцијата со која се осудува руската инвазија на Украина, а која рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли како неоправдана политизација.

Самитот на индонезискиот остров Бали е првиот состанок на лидерите на земјите од Г 20 откако Русија испрати војници во Украина во февруари.

Војната, која Русија официјално ја нарекува „специјална воена операција“, го засени состанокот и покрај повиците од домаќинот Индонезија за единство и фокусирање на акција за справување со глобалните економски проблеми како што се инфлацијата и безбедноста на храната и енергијата.

„Мнозинството членови силно ја осудија војната во Украина и нагласија дека таа предизвикува огромно човечко страдање и ги влошува постојните слабости во глобалната економија“, се вели во нацрт-декларацијата од 16 страници, во која увид имаше Ројтерс.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ја предводи делегацијата на својата земја во отсуство на претседателот Владимир Путин, го осуди обидот да се осуди Русија како политизација од страна на западните земји.

Лавров рече дека Русија претставила алтернативен став и дека нацртот ќе биде финализиран во среда.

Американски официјален претставник претходно изјави дека Соединетите Држави очекуваат Г 20 да ја осуди руската војна во Украина и нејзиното влијание врз глобалната економија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека има охрабрувачки знаци за консензус дека војната на Русија против Украина е неприфатлива.

Министерските состаноци на Г20 во минатото не успеаја да произведат заеднички декларации поради несогласувањата меѓу Русија и другите членки, вклучително и начинот на кој се опишува војната во Украина.

Претходно, во неговото видео обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сега е време да се запре руската војна во неговата земја според планот што тој го предложи „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“.

Лавров, кој во понеделникот го демантираше извештајот на новинската агенција дека бил пренесен во болница во Бали поради проблеми со срцето, рече дека го слушал обраќањето на Зеленски, додавајќи дека украинскиот лидер го продолжува конфликтот и не ги слуша советите на Западот.

Поради инвазијата на Украина, некои западни лидери повикаа на бојкот на самитот и повлекување на поканата за учество на рускиот претседател, но Индонезија одби да го стори тоа. Русија претходно соопшти дека Путин е премногу зафатен за да присуствува на самитот и дека Лавров ќе го заземе неговото неговото место.