Лавров: ОН имаат гаранции од САД и ЕУ за извоз на руското жито

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека бил информиран од Обединетите Нации за писмените ветувања на САД и ЕУ за отстранување на пречките за извоз на руско жито и ѓубрива на светските пазари.

На сзмитот на групата Г 20 на Бали, Лавров рече дека добил гаранции во оваа насока од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Извозот на жито и ѓубрива од Русија не е директно цел на западните санкции, но Москва долго време се жали дека санкциите го ограничуваат пристапот до пристаништата, финансиите и осигурувањето, пишува Ројтерс.

Лавров рече дека Гутереш прави се за да се обезбеди тоа да се реши со иницијативата на Црното Море, потпишана во јули, која и овозможи на Украина да продолжи со испораките на жито од нејзините јужни пристаништа по неколкумесечна руска блокада.

Тој додаде дека Гутереш му рекол дека добил писмени ветувања од Соединетите Држави и од Европската Унија дека ќе го спроведе делот од тој договор кој се однесува на рускиот извоз, за да не бидат санкционирани операторите кои ракуваат со руско жито.

„Доколку тие ветувања се остварат, тогаш ќе бидат отстранети сите пречки за извоз на руско жито и ѓубрива,“ рече Лавров, а пренесе Ројтерс.

Неодамна украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на продолжување на договорот за извоз на жита преку Црното Море, со кој се овозможи извоз од три големи украински пристаништа, олеснувајќи ја на тој начин глобалната криза со храна. Зеленски додаде дека и покрај руската инвазија, Украина е подготвена да остане „гарант на глобалната безбедност на храна“.