Макрон побара од Џинпинг да интервенира кај Путин

илустрација

Францускиот претседател Емануел Макрон побара од кинескиот лидер Си Џинпинг да интервенира кај рускиот претседател Владимир Путин со цел да го убеди да се врати на преговарачка маса за да се спречи ескалација на војната во Украина, објави Елисејската палата.

„Претседателот на Франција бара од Кина да придонесе за испраќање пораки до претседателот Путин за да се избегне ескалација на војната во Украина со покана сериозно да се врати на преговарачката маса“, се додава во соопштението.

Макрон е во Индонезија, каде што во тек е самитот на лидерите на Групата 20 индустриски развиени земји и земји во развој (Г20).

Во разговорот со Макрон на маргините на Г-20, Си Џинпинг „даде поддршка на напорите за посредување на Европа“, особено на францускиот претседател, и „многу цврсто го повтори своето противење на употребата на нуклеарно оружје“ од страна на Русија во Украина, се додава во соопштението од официјален Париз, а пренесе АФП.

Францускиот претседател го повика својот кинески колега да ги здружи силите против војната во Украина, нагласувајќи дека „стабилноста“ во светот е и во интерес на Кина.

Макрон и Си разговараа и за билатералните односи, а францускиот претседател планира да ја посети Кина на почетокот на 2023 година, доколку тоа го дозволат здравствените услови.