Над 40 илјади мигранти го поминале Ламанш од почетокот на годинава

Архивска фотографија: Мигранти со гумен чамец пловат од Франција кон Велика Британија

Бројот на мигранти кои со импровизирани чамци го поминуваат каналот Ламанш, за од Франција да стигнат во Велика Британија, денеска надмина 40 илјади луѓе, соопшти британското Министерство за одбрана.

Според податоците на британските власти, 972 лица вчера го поминале Ламанш на 22 мали чамци, со што вкупниот број од почетокот на годинава достигна 40.885 лица.

Минатата година биле регистрирани 28.526 преминувања, и дотогаш тоа беше рекорден број.

Зголемениот број мигранти создава притисок врз новата британска влада, која како еден од главните приоритети го постави приливот на мигранти, особено по излегувањето на земјата од Европската унија.

Тоа прашање станува извор за напнатите односи со Франција, од каде што тргнуваат мигрантите за Британија.

Според некои медиумски извори, Британија е спремна да ѝ плати дополнителни 91 милиони евра на Франција за полициско засилување на француските плажи, додека британски агенти би имале пристап до француските контролни центри.