М-НАВ одлучи да ги испрати на обука избраните кандидати за контролори за летање

Меѓународен аеродром Скопје

Управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ денеска соопшти дека одлучил да го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и да даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.

Одлуката доаѓа по објавата на текстот на порталот СДК.МК дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.

Ваквите тврдења ги изнесе и Синдикатот за контролори за летање, односно дека се сомневаат оти директорите во М-НАВ сакаат да го поништат изборот на луѓе кои ќе се обучуваат за контролори за летање, бидејќи нивните деца, а и деца на високи политичари не се меѓу избраните кандидати.

Од М-НАВ ги отфрлија ваквите тврдења наведувајќи дека процесот за избор на контролори на летање се одвива нормално и дека се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок.

Како што беше објавено, на 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот, а избраните кандидати требале да ја почнат обуката уште пред седум дена. Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска.

Во денешното соопштение Управниот одбор на М-НАВ додава дека го задолжил претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.

„Во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“, велат од М-НАВ.

Управниот Одбор на М-НАВ наведува дека во текот на денешниот ден ја разгледал целокупната документација и дека донел одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и дека следствено дал насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.

„М-НАВ едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката“, стои во соопштението од М-НАВ.

Од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) велат дека со одлуката што денеска ја донел Управниот одбор на М-НАВ за упатување на обука на кандидатите за контролори на летање, се затворил проблем за нешто коешто требало да се реализира пред 15 дена без да се создаваат нервози и да се изнесуваат состојбите во јавноста.

Но, и покрај тоа претседателот на ССКЛ Александар Тасевски најави дека ќе бараат одговорност од менаџментот за случувањата околу Огласот за изборот на кандидати за обука за контролори на летање.

„Сега се прават некакви интервјуа со кандидатите како аргумент за текот што го зеде целата ситуација по реакциите, што е неиздржано затоа што селектираните кандидати веќе ги поминаа сите фази. Нема да отстапиме и ќе бараме одговорност од раководството за целата ситуација и непотребните нервози со што се наруши кредибилитетот на нашата професија“, изјави Тасевски.