Од Камчев до Шојгу

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Јордан Камчев од 6 ноември е на слобода, откако пред еден месец ја искористил законската можност да побара и добил од Основниот кривичен суд спојување на затворските казни за случаите „Плацови на Водно“ и „Империја“. Камчев во април годинава за случајот „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор, додека за случајот „Империја“призна вина и се спогоди на една година затвор и да плати 5,2 милиони евра.

ГЕРМАНИЈА / ФРАНЦИЈА - Добрососедските односи меѓу Косово и Србија ќе се засноваат на еднакви права, се вели во документот што го објави медиумската мрежа специјализирана за политиките на Европската унија (ЕУ), Еурактив. Овој медиум пренесува дека станува збор за таканаречениот германско-француски план за решавање на спорот меѓу Србија и Косово. Во текстот чија автентичност не можеше да ја потврди балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) до објавувањето на оваа информација, се посочува дека Косово и Србија ќе се водат од заедничките аспирации за членство во ЕУ.

САД - Републиканците остварија скромни резултати на среднорочните избори во САД, а нивните победи во трката за пополнување места во Претставничкиот дом и Сенатот не успеаја да создадат убедливо преземање како што се предвидуваше. Неколку медиуми прогнозираат дека републиканците ќе добијат седум места, две повеќе отколку што им беше потребно за да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом за прв пат од 2018 година.

СРБИЈА - „Ситуацијата во Косово предизвикува длабока загриженост за Република Србија“, изјави српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ на средбата со заменик-помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Хавиер Коломина.

РУСИЈА - Министерот за одбрана Сергеј Шојгу им нареди на руските војници да се повлечат од десниот брег на реката Днепар во делумно окупираната област Херсон во Украина, што е уште едно повлекување од руска страна во услови на голем број неуспеси на Москва на боиштата во источниот и југоисточниот дел на Украина. Шојгу на состанокот со командантот на руските трупи во Украина, армискиот генерал Сергеј Суровикин, на 9 ноември рече дека повлекувањето мора да се спроведе што побрзо.

УКРАИНА - Заменик-гувернерот на украинската област Херсон, поставен од Русија загина во сообраќајна несреќа. Рускиот воен известувач за Кремљ, Семјон Пегов, блогерот Борис Рожин и државната новинска агенција РИА-Новости ја цитираа руската управа на Херсонската област која соопшти дека сообраќајната несреќа на 9 ноември во која загина Кирил Стремусов се случила во близина на градот Хеническ.

ЕУ - Европската комисија (ЕК) објави детали за пакетот економска поддршка од 18 милијарди евра за Украина во 2023 година, за кој се надева дека ќе биде одобрен од земјите-членки на ЕУ. Според планот, ЕУ ќе му испраќа на Киев 1,5 милијарди евра месечно во форма на 35-годишни заеми, со камати покриени од ЕУ, за поддршка на украинската влада во борбата против руската инвазија.

САД - Компанијата Мета соопшти дека ќе отпушти повеќе од 11.000 свои вработени, или 13 отсто од својата работна сила, во едно од најголемите технолошки отпуштања оваа година. Таа компанија, која меѓу другото е сопственик на Фејсбук, се бори со зголемените трошоци и слабиот пазар на рекламирање, пренесува Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА - Познанството со новоизбраниот шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази со луѓе на ДУИ, не треба да коментира, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти. Вака одговори Талат Џафери на прашањето на МИА околу релациите помеѓу владејачка партија и обвинителот.

СИРИЈА - Најмалку 14 лица загинаа во напад врз конвој на проиранската милиција во источна Сирија, во близина на границата со Ирак, објави денеска Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, пренесува АФП. Оттаму не прецизираа кој го извршил нападот. Нападот погодил конвој „цистерни со гориво и камиони натоварени со оружје“ во пограничната област Албу Камал.

РУСИЈА - Односите меѓу Москва и Вашингтон ќе останат лоши без оглед на резултатите од среднорочните избори во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти денеска Кремљ. „Овие избори, во суштина, не можат ништо да променат. Нашите односи засега се лоши и ќе останат такви“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесоа руските агенции.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски најави дека веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготвила потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите со „ЕСМ продажба“ за снабдување со електрична енергија за физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, како и основните и средни јавни училишта.

МАКЕДОНИЈА - Дојави за поставени експлозивни направи се добиени за уште две училишта во Скопје, покрај двете училишта за кои претходно информираше МВР. „Пријавата за новите бомби е добиена околу 10 часот, а половина час претходно стигнаа дојавите и за првите две училишта, од кои едното е гимназијата „Јосип Броз Тито“, информираат од Министерството за внатрешни работи. Дојавите за бомби во средните училишта се чин на хибридна војна кон нашата земја и регионот, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Министерот во Владата на Велика Британија, Гавин Вилијамсон објави дека поднесува оставка од функцијата во новата конзервативна влада бидејќи е обвинет за „неморално“ однесување и испраќање недолични пораки до пратениците и поранешните колеги.