ДКСК: Сликите на Абази со луѓе на ДУИ остава простор за сомнеж дека „имало некакво влијание“

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има забелешки за начинот на кој се избираше првиот човек во Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изјави денеска претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, посочувајќи дека тоа што во јавноста излегоа фотографии на новиот шеф на Обвинителството, Ислам Абази со првите луѓе на ДУИ, остава простор да се верува дека „постоело некакво влијание“.

„Да се надеваме дека новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, меѓутоа секако имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна“, изјави Ивановска.

Претседателката на ДКСК вели дека не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, меѓутоа, како што рече, во отсуство на некои од критериумите се остава простор да помислат дека постоело некакво влијание.

„Во отсуство на сите овие работи што ги набројав, останаа сликите со блиски лица во партијата, што остава простор да веруваме дека постоело некакво влијание. Доколку е тој човек со интегритет може да се избори и да докаже дека е тој што ќе го среди Обвинителството. Всушност треба да му дадеме простор на човекот, но сликата до сега не е поволна,“ рече Ивановска.

Прашана дали ДКСК ќе реагира на отсуството на критериуми што ги посочи, Ивановска рече дека тие секако прават антикорупциска проверка на легислативата.Таа вели дека засега нема што да реагираат бидејќи, според неа, се е позаконот, но дека ќе се реагира во насока на подобрување на критериумите за избор на јавниот обвинител.

Пред два дена Ислам Абази беше избран за нов шеф на Јавното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал. За прв пат по измените на Законот за јавни обвинители, шеф на ОЈО ГОКК се избра од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава. Советот на јавното обвинителство во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе го именува на функцијата јавниот обвинител што добил најмногу гласови на изборите во понеделникот.