Украина сака да го продолжи договорот за извоз на жито

Товарниот брод Деспина V, кој превезува украинско жито, во Црното Море во близина на Истанбул

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на продолжување на договорот за извоз на жита преку Црното Море, кој овозможи извоз од трите големи украински пристаништа, олеснувајќи ја глобалната криза со храна.

„Сè уште е наш став дека иницијативата мора да продолжи без оглед на тоа дали Руската Федерација е подготвена“ ѝ рече Зеленски на американската амбасадорка во Обединетите нации (ОН) Линда Томас-Гринфилд, која беше во еднодневна посета на Киев на 8 ноември.

Зеленски вели дека и покрај руската инвазија, Украина е подготвена да остане „гарант на глобалната безбедност на храната“, што се однесува на статусот на неговата земја како еден од најголемите светски производители на жито.

Договор за безбеден извоз на жито од украинските пристаништа беше склучен со Русија во јули, со посредство на Турција и ОН.

Меѓутоа, Русија на 29 октомври објави дека го суспендира договорот откако нејзините бродови во близина на Севастопол во анектираниот Крим беа погодени од воздушни и подводни беспилотни летала, за што ја обвини Украина.

Тогаш Европската Унија ја повика Русија да ја повлече таа одлука, со оценка дека го загрозува главниот извозен пат за жито и вештачко ѓубриво, во решавањето на глобалната прехранбена криза предизвикана од нејзината војна против Украина.

На почетокот на ноември беше објавено дека ОН и Турција повторно работат на посредување што ќе овозможи продолжување на испораките од Украина, со што би се избегнало продлабочување на кризата со храна и гладот во светот.