Османи утре во Софија ќе го отвори прашањето за македонски клуб во Благоевград

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред утрешните средби во Бугарија изјави дека ќе го покрене и прашањето за отворањето на Македонскиот културен центар во Благоевград. Тоа, според него, би било во функција на заемната промоција на културата во двете држави.

Османи ќе оствари средби со неговиот бугарски колега Николај Милков, со бугарскиот премиер Галаб Донев и со лидерите на речиси сите парламентарни политички партии.

„Целта е да се одржи и да се надгради конструктивната атмосфера во односите меѓу нашите две држави изградени посебно во последните неколку месеци, спречувајќи ги обидите за „киднапирање на таа агенда од тие што не посакуваат добри односи помеѓу нашите две пријателски држави“, нагласи Османи во изјавата пред Културно-информативниот центар на РСМ во Софија.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека кога ќе биде отворањето на клубот во Благоевград тој ќе присуствува.

„Јас во Бугарија сум одел на многу средби, и кога ќе биде отворањето на клубот во Благоевград и тогаш ќе одам и јас“, рече премиерот во дневникот на Сител телевизија.

Клубот „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград беше отворен на крајот на октомври во тензична атмосфера, со засилено полициско обезбедување и вербални инциденти. На отворањето присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Ден потоа беше соопштено дека бугарските власти ја затвораат организацијата која стои зад клубот.

Од друга страна, македонските власти не дозволија отворање Културен клуб со името на бугарскиот цар Фердинанд во Богданци, ама на почетокот на овој месец беше отворен бугарски клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид, а во април во Битола и клубот„Ванчо Михајлов“.