Мицкоски по лидерската средба: Нема мнозинство за уставни измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска по лидерската средба во Собранието изјави дека она што може да го заклучи е дека владејачкото мнозинство нема мнозинство за уставни измени.

„И водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој упати критики до власта за темите на лидерската средба, бидејќи, како што рече, наместо за реалните проблеми со кои во моментов се соочуваат граѓаните, тие разговарале за отворање на Уставот и бараните уставни измени.

„Единствената тема којашто беше во нивен фокус е тоа што нив ги интересира за дефукус од ова се каде што се тие неуспешни, а тоа се т.н уставни измени под превезот на некаква си европска иднина“, потенцираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека констатирале оти ова е задоцнета средба и порача дела консензус, консултации со парламентарни политички партии, се прави пред да се носат одлуки.

„Морам да кажам дека помалку комично делуваше еден документ кој што беше поделен на крајот од средбата, кој што требаше да бидат некакви си заклучоци кој што го одбивме и воопшто не сакаме ни да го коментираме, бидејќи самото тоа не е европски чекор, еве ви заклучоци да се сложиме и да ги усвоиме овие заклучоци“, нагласи Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски по денешната лидерска средба во Собранието изјави дека не биле постигнати заеднички заклучоци. На средбата, како што посочи, сите политички лидери ги кажале своите ставови кои дел се познати во јавноста, меѓудругото и за измени на Уставот, а тоа било на ниво на предлози.

Во однос на тоа дали биле побарани гаранции од Мицкоски за внесувањето на Бугарите во Уставот, Ковачевски дека не би сакал да зборува во име на лидерите заради политичка коректност и задржување на ниво на етичност и затоа нема да дава коментари кој што кажал на средбата.