ЕУ ги повика Србија и Косово на деескалација на ситуацијата

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано.

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано изјави дека приоритет во случајот со Косово и Србија е деескалација на терен бидејќи во спротивно, тоа може да има последици не само во Белград и Приштина, туку и во регионот.

„Секогаш кога има локална нестабилност таа се извезува во поширокиот регион. Ако имаме друга фокусна точка на европско тло, меѓу Косово и Србија никој не може да спречи немили инциденти. Тоа е нешто што не може да си го дозволи ниту Европа, ниту Косово и Србија, ниту регионот“, рече Стано.

Српска листа на 5 ноември објави дека српските функционери во Собранието, Владата, локалната самоуправа, полицијата, судот и другите институции од северот на Косово. Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.

Портпаролот на Брисел повтори дека тензиите меѓу Приштина и Белград ги намалуваат сите достигнувања што се постигнати во рамките на дијалогот. Стано апелираше до партиите да преземат одговорност и да најдат решение.

Тој повтори дека шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, викендов разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, а специјалниот претставник на ЕУ во дијалогот, Мирослав Лајчак, е во редовен контакт со колегите во регионот и пошироко.

„ЕУ се обидува да ги доведе Косово и Србија да најдат решение и да се вклучат во сериозен разговор, бидејќи тоа е единствениот начин што ги води партнерите кон европска перспектива“, рече Стано.

Тој подвлече дека косовските власти треба веднаш да преземат чекори кон формирање на Заедницата на српските општини (ЗСУ).