Зеленски предупреди за повеќе руски напади врз инфраструктурата на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порача на Украинците да се подготват за потенцијално повеќе руски воени напади врз веќе оштетената енергетска инфраструктура на земјата, откако градоначалникот на Киев веќе им порача на жителите на главниот град да размислат за привремено заминување доколку градот ги загуби струјата и водата.

Зборувајќи во своето редовно ноќно обраќање на 6 ноември, Зеленски рече дека Русија „концентрира сили и средства за можно повторување на масовните напади“ врз инфраструктурата на Украина, пред сè енергијата.

Повеќе од 4,5 милиони потрошувачи веќе се без струја, додаде тој.

Претходно, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека не може да исклучи дека главниот град на Украина би можел да остане без вода и струја како резултат на разорните удари на Русија врз енергетската инфраструктура.

„Правиме се за да го избегнеме ова. Но, да бидеме искрени, нашите непријатели прават се за градот да биде без топлина, без струја, без водоснабдување, воопшто, па сите да гинеме. И иднината на земјата и иднината на секој од нас зависи од тоа колку сме подготвени за различни ситуации“, изјави Кличко за државните медиуми.

Руската војска ја гаѓаше енергетската инфраструктура на Украина во текот на минатиот месец, предизвикувајќи недостиг на електрична енергија и прекини на транспортот низ целата земја. На 6 ноември, Киев доживеа ротирачко затемнување во делови од градот и околниот регион.

Киев планира да распореди околу 1.000 грејни точки, но не е јасно дали тоа би било доволно за град со 3 милиони жители.

Исто така, планирани се повремени прекини во регионите Чернихив, Черкаси, Житомир, Суми, Харков и Полтава, соопшти украинскиот државен енергетски оператор, Укренерго.

Како што Русија ги засилува нападите врз цивилната инфраструктура, се наведува дека украинските сили напредуваат на југ.

Жителите на украинскиот град Херсон кој е окупиран од Русија, добија предупредувачки пораки на нивните телефони во кои се повикуваат да се евакуираат што е можно поскоро, соопшти украинската војска на 6 ноември.

Руските сили се подготвуваат за украинска контраофанзива за да го заземат јужниот град Херсон, кој беше заземен во првите денови на инвазијата. Во септември, Русија незаконски го анектираше Херсон, како и три други региони и последователно прогласи воена состојба во четирите провинции.

Администрацијата инсталирана од Кремљ во Херсон веќе пресели десетици илјади цивили надвор од градот.

На 6 ноември, руските новински агенции соопштија дека гранатирањето од страна на украинските сили ја оштетило огромната украинска брана Нова Каховка, која е под контрола на Русија, но тие не објавија никакви докази.