Претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да излезат од косовските институции

Претставниците на Србите на северот на Косово кои работат во полиција ги соблекуваат униформите затоа што ги напуштаат косовските институции

Претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да ги напуштат институциите на Косово, соопштено е денеска.

Ова беше одлучено по состанокот на претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, четворица градоначалници на општините на северот на Косово и претставници на сите косовски институции од северот на Косово, вклучително и вработени во судот, обвинителството и полицијата, што се одржа во Звечан на северот на Косово.

„Одлучивме да излеземе од сите политички институции, Собранието, Владата и четири општини на северот на Косово, но и да го напуштиме учеството на Србите во судството, полицијата и административниот персонал во четирите општини на северот“, рече Горан Ракиќ, претседател на Српска листа, партијата на Србите од северот на Косово која ја има поддршката од Белград.

Тој додаде дека овие одлуки за напуштање и суспендирање на институциите остануваат во сила се до моментот додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите договорени во Брисел“.

„Тоа конкретно значи - додека не ги повлече едностраните и незаконски одлуки за пререгистрација, додека не ја формира Заедницата на српските општини во согласност со првиот договор и сите други договори склучени за ова прашање во дијалогот“, рече Ракиќ.

Шефот на Кабинетот на претседателот на Косово Блерим Веља (Блерим Вела) оцени дека со повлекувањето на Србите од косовските институции е прекршен бриселскиот договор, односно дека Србија ги прекршила сите договори за распуштање на нејзините паралелни структури.

„Ваквото заплашување нема да успее! Косовските институции ќе останат мултиетнички и репрезентативни за сите заедници. Со тоа што ги принуди косовските Срби да ги напуштат косовските институции, Србија еднострано ги прекрши сите бриселски договори за распуштање на нејзините нелегални структури на Косово“, напиша Веља на својот Твитер профил.

Инаку Горан Ракиќ поднесе и оставка од функцијата министер во владата на Албин Курти. И пратеникот Игор Симиќ изјави дека оставката ја поднесува во име на сите десет пратеници во Собранието на Косово.

Оставка во име на Србите вработени во правосудството и обвинителството поднесе и претседателот на Основниот суд во Митровица, Никола Кабашиќ. Оставки поднесоа и српските припадници на косовската полиција на северот, како и градоначалниците на северот кои работат во косовскиот систем.

Ракиќ рече и дека Србите од северот на Косово се обидуваат да го зачуваат мирот и стабилноста.

На најавата за неговото заминување од институцијата претходеше разрешување на директорот на полицијата за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој беше суспендиран поради одлуката полицијата на север да не издава опомени за сопствениците кои користат незаконска лиценца, односно таблички издадени од српските власти за Косово.

Владата на Косово на 1 ноември почна да го спроведува планот за пререгистрација на возила со градски таблички во Косово издаден од српските власти.

Главно се работи за таблички КМ (Косовска Митровица) кои се нелегални за Косово, но досега се толерираат само во општините на север, каде живее мнозинско српско население - Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан.

Планот на Владата на Косово за пререгистрација на регистарските таблички на РКС (Република Косово) предвидува три фази. Во првата се предупредуваат возачите, во втората може да платат казни од 150 евра, додека во третата ќе се издаваат пробни таблички. Планот е од 21 април 2023 година да може да се користат само таблите РКС.