Белоруските власти додадоа двајца новинари на РСЕ на листата на екстремисти

Еден од новинарите на РСЕ Игар Лосик ставен на „црната листа “ на белоруските власти

Белоруското Министерство за внатрешни работи заведе двајца новинари на Радио Слободна Европа на својата листа на екстремисти во услови на тековно задушување на независните медиуми, опозициските политичари, активистите за права и демократските институции.

Министерството на 4 ноември соопшти дека на списокот додаде 244 лица, меѓу кои и новинарите на РСЕ, Игар Лосик и Алех Хрузџилович.

Лосик во декември минатата година беше осуден на 15 години затвор по обвиненијата кои остануваат нејасни. Хрузџилович беше ослободен во септември, откако отслужи 18 месеци затвор бидејќи присуствуваше на масовните протести со кои се оспоруваа официјалните резултати од претседателските избори во 2020 година, со кои на авторитарниот владетел Александар Лукашенко му беше доделен шести мандат на функцијата.

Уште еден затворен дописник на РСЕ, Андреј Кузнечик, беше додаден претходно на списокот на екстремисти во Белорусија. Кузнечик во јуни беше осуден на шест години затвор под обвинение за создавање екстремистичка група.
Лосик, Хрузџилович и Кузнечик ја задржаа својата невиност, нарекувајќи ги случаите против нив политички мотивирани.

Затворениот сопруг на прогонетиот белоруски опозициски лидер Свјатлана Циханускаја, Сјархеј Цихануски, опозицискиот политичар Микалај Статкевич и други затворени активисти и јавни личности се меѓу лицата додадени на списокот на екстремисти на белоруското Министерство за внатрешни работи на 4 ноември.

Севкупно, на списокот се додадени 1.714 мажи и жени, од кои повеќето се осудени поради политички мотивирани обвиненија. Многу од нив се признати како политички затвореници од домашни и меѓународни групи за човекови права.

Ова е последица од тековното задушување на масовните собири и протести кои ги оспоруваат резултатите од претседателските избори во август 2020 година. Белоруската полиција со примена на сила ги задуши протестите и преведе десетици илјади луѓе. Голем дел од опозициското раководство по изборите е во затвор или принудено на егзил. Неколку демонстранти се убиени, а има и веродостојни извештаи за тортура.