Седум бродови со украинска храна ги напуштија црноморските пристаништа

Црно море

Седум бродови со земјоделски производи денеска ги напуштија украинските пристаништа на Црното Море, ден по продолжувањето на договорот за жито, чија цел е испорака на украинска храна на странските пазари, соопшти Министерството за инфраструктура. Бродовите биле натоварени со 290.000 тони прехранбени производи и биле упатени кон европските и азиските земји, се вели во соопштението на Министерството без детали. Русија вчера го продолжи своето учество во договорот што за време на викендот го прекина, велејќи дека не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови кои го преминуваат Црното Море поради напад со беспилотни летала врз нејзината флота таму. „Руската Федерација смета дека добиените гаранции во моментот изгледаат доволни и продолжува со спроведувањето на договорот“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Последиците од руската суспензија на договорот за жито

Министерството соопшти дека благодарение на вклученоста на Обединетите нации и Турција, било можно да се добијат писмени гаранции од Украина дека нема да ги користи хуманитарниот коридор и украинските пристаништа за воени операции против Русија. Изјавата претставува пресврт од страна на Москва, која претходно изјави дека би било ризично и неприфатливо бродовите да продолжат да пловат низ хуманитарниот коридор формиран според договорот постигнат со посредство на Турција и ОН во јули.