Закани за бомби во осум училишта во Скопје

Полиција пред средно училиште по лажна дојава за поставена бомба , 26 10 2022

Вкупно осум училишта во Скопје, денеска добиле дојава за поставени бомби, велат за Радио Слободна Европа од Министерството за внатрешни работи(МВР).

Полицијата околу 14.30 часот добија дојави дека на мејл адреси на шест училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба, а половина час подоцна добиле пријави од уште две училишта.

„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Минатата среда за првпат имаше дојави за поставени бомби во училишта во Скопје. Три дена последователно имаше такви пријави, но во сите случаи по преземените проверки се покажа дека заканите се лажни.

Радио Слободна Европа, претходно пишуваше дека за претходните случаи, неофицијалните податоци посочуваат дека мејлот со лажните дојави за бомба пристигнал од интернет платформа со седиште во Швајцарија.