Османи порача да се прекине кругот со Бугарија околу отворањето културни клубови

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача да се прекине кругот со Бугарија со отворањето културни клубови и побара враќање во нормален колосек, преку постојана комуникација и отворањето на културниот клуб во Благоевград кој го промовира Министерството за култура.

Во одговор на прашање околу одлуката на бугарски суд за укинување на граѓанското здружение што го отвори Македонскиот културен клуб во Благоевград, Османи рече дека отворањето клубови заради реакција кон другиот, нема да ги оствари целите што сакаме да ги постигнеме, а тоа е промовирање добрососедските односи.

„Отворањето на бугарските клубови не беше во функција на промовирање на бугарската заедница. Истата оваа реакција во Благоевград, не спремена, не подготвена, финансирана од сомнителни извори ја квалификувам на истиот начин. И така се случуваат резултати, коишто после ќе создадат проблеми за тие луѓе кои се дел од тие клубови и веројатно ќе предизвика верижна реакција, таму и овде. Моја задача е да ги донесам односите во една нормална траекторија, да кажам стоп на политичките профитирања и на инструментализирање на правата на заедниците и на добрососедските односи. Убеден сум во оваа моја политика и знам дека само таа е во интерес на граѓаните“, потенцира Османи.

Тој оцени дека со укинувањето на македонското здружение најоштетени ќе бидат граѓаните, односно Македонците во Бугарија.

„Сега нека излезат тие што отидоа да ги охрабрат и да ловат политички поени, да им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението. Затоа уште од почеток порачував дека тоа е погрешниот пат. Едно сомнително здружение од Канада баш да финансира во ова време организирање на клуб на Македонците како одговор на клубот во Охрид, не е начинот како да им се помогне на граѓаните“, изјави шефот на дипломатијата.

Клубот „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград беше отворен пред два дена во тензична атмосфера, со засилено полициско обезбедување и вербални инциденти. На отворањето присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Ден потоа беше соопштено дека бугарските власти ја затвораат организацијата која стои зад клубот.

Од друга страна, македонските власти не дозволија отворање Културен клуб со името на бугарскиот цар Фердинанд во Богданци, ама на почетокот на овој месец беше отворен бугарски клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид, а во април во Битола и клубот„Ванчо Михајлов“.

Османи денеска нагласи дека ја продолжува и комуникацијата со службената Влада на Бугарија, најавувајќи дека следната недела планира да отпатува во работна посета на Софија, каде покрај со владините, ќе се сретне и со претставници на политичките партии.