Македонија и Казахстан ќе ја зацврстуваат економската соработка

Средба на Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и шефот на дипломатијата на Казахстан, Мухтар Тлеуберди

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот гостин, потпретседателот на Владата и шефот на дипломатијата на Казахстан Мухтар Тлеуберди најавија дека во следните два дена во Скопје ќе се одржи првата седница на меѓувладината комисија за трговско-економска соработка на која ќе се донесат значајни одлуки за идно зацврстување на деловните врски и поврзување на бизнисите од двете земји.

„Фокус ставивме на економската и бизнис соработка нотирајќи го со задоволство напредокот постигнат во споменатата област. Се осврнавме и на можноста за воспоставување директна авионска линија меѓу Северна Македонија и Казахстан. Не само што двете земји имаат потреба од поголема комуникација, туку тоа ќе придонесе за поквалитетно поврзување меѓу регионите на Западен Балкан и на Центрлана Азија“, истакна Османи по средбата.

На средбата со Тлеуберди размениле мислења за актуелните предизвици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина, за енергетската криза како и предизвикот за достапност на храна. Министерот за надворешни работи на Казахстан Тлеуберди, пак, дополни дека како земја се залагаат за создавање услови за поголем развој на билатералните односи, за економска и трговска соработка. Тој истакна дека имаат добри перспективи и оти обемот на нивната билатерална трговија оваа година е за десет пати зголемен.

„Тоа значи имаме стоки и услуги кои може да ги понудиме на македонскито пазар. Знаеме во Северна Македонија имате силен земјоделски сектор, заинтересирани сме, од наша страна може да обезбедиме енергија, суровини…Нашите односи можат да послужат за зацврстување на односите меѓу Централна Азија и Западен Балкан, рече Тлеуберди.

Од утре во посета на земјава ќе престојува и министерот за економија на Казахстан што, според Османи е дополнителен показател за интензивната динамика со која се развиваат економските врски што е од интерес на двете земји.