Владата најави поевтина струја за фирмите за стабилизирање на цените на храната

Премиерот Димитар Ковачевски образложувајќи ги новите одлуки од денешната владина седница за справување со енергетската криза изјави дека со нив им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.

Според него, ќе се обезбеди поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

„Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат за најмалку 10 отсто“, рече премиерот.

Основните и средните јавни училишта, јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води ќе може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час.

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека се работи за 200 фирми производителите на основни производи кои се на регулиран и на отворен пазар на струја. Според него, АД ЕСМ ќе може да произведе доволно струја за сите потреби.

„Ако во случај инпутот на електрична енергија што е во формирање на финалната цена не се рефлектира и во намалување на цена на производите, тогаш има и други механизми, односоно замрзнување на цените онаму каде што ќе се утврди дека инпутот со електричната енергија не се калкулира во финалната цена на производите“, истакна Бектеши.

Тој очекува утре или задутре на седница на Собранието да биде усвоен Законот за потрошувачи, преку кој ќе се контролира цената на производите.