Зеленски бара силен одговор откако Русија го суспендираше договорот за извоз на жито

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по најавата на Русија дека го суспендира своето учество во договорот за извоз на жито од Црното Море изјави дека тоа бара силен меѓународен одговор од Обединетите нации и големите економии од Г20.

„Ова е целосно транспарентен обид на Русија да се врати на заканата од голем глад за Африка, за Азија“, рече Зеленски во видео обраќањето, додавајќи дека Русија треба да биде исфрлена од Г20.

Русија во писмо му соопшти на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш дека го суспендира договорот на „неопределен рок“, бидејќи не може да „гарантира безбедност на цивилните бродови“ кои го вршат транспортот, објави Ројтерс.

„Зошто неколку луѓе некаде во Кремљ можат да одлучат дали ќе има храна на масите на луѓето во Египет или Бангладеш? – праша Зеленски. „Рускиот терор и уцена мора да изгубат. Човештвото мора да победи“, додаде тој.

Американскиот претседател Џо Бајден го осуди потегот како „срамотен“ и рече дека тоа ќе го зголеми гладот. Обединетите нации ја повикаа Русија да не се повлекува од договорот, а заменик портпаролот на ОН Фархан Хак рече дека преговорите со Русија се во тек.

„Од суштинско значење е сите страни да се воздржат од какви било дејства што би можеле да ја загрозат иницијативата за жито во Црното Море“, рече Хак.

Европската унија соопшти дека ги поддржува напорите предводени од ОН да се одржи во живот договорот со Украина за жито.