Трет ден по ред дојави за бомби во скопски училишта

Полиција пред средно училиште по лажна дојава за поставена бомба, 26 октомври, 2022

Полицијата на 28 октомври, околу 14 часот, примила нова дојава за бомба во едно училиште во Скопје, соопштија од Министерството за внатрешни работи(МВР) за МИА. Ова е трет ден како МВР добива дојави за бомби поставени со средни училишта во Скопје. Претходните два дена дојавите за бомби беа лажни.

„Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меjл адреса на едно училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштето и антитерористички проверки и за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Радио Слободна Европа, претходно пишуваше дека за случаите од претходните два дена, неофицијалните податоци посочуваат дека мејлот со лажните дојави за бомба пристигнал од интернет платформа со седиште во Швајцарија. Тезите за тоа кој стои зад лажните дојави во десетина средни училишта одат од хибридна војна до дигитално снаодливи средношкоци кои не се подготвиле за тромесечието.