Политичари и туристи

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски информира дека веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград и најави дека барање за тоа ќе биде испратено до бугарската Влада. На новинарско прашање Ковачевски денеска рече дека во недела, за кога е најавено отворањето на клубот во Бугарија, ќе биде во Скопје. Тој притоа порача дека отворањето вакви клубови да биде во насока на зближување, а не на раздор.

ХРВАТСКА - Нема да се измориме во поддршката на Украина, порачаа учесниците на Првиот парламентарен Самит на Меѓународната кримска платформа, која во украинско-хрватска организација беше одржан денеска во Загреб.

НОРВЕШКА - Контраразузнавачката служба на Норвешка уапси човек, кој работел на истражувачки проект на норвешки универзитет, под сомнение дека е руски шпион. Човекот бил уапсен на 24 октомври во арктичкиот град Тромсе, објави денеска државната телевизија НРК, повикувајќи се на Норвешката полициска служба за безбедност (ПСТ).

САД - Популарната апликација за размена на пораки Вацап (WhatsApp) проработи после неколкучасовен прекин. Корисниците ширум светот пријавуваа проблеми и прекини во работата на апликацијата. Со проблеми во работата на апликацијата се соочиле и корисници на мобилната верзија на сервисот, како и на десктоп верзијата.

ЕУ - Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на 26 октомври 2022 од Скопје ќе ја започне турнејата во земјите од Западниот Балкан. Целта на посетите, како што соопштија во Брисел, е таа да ја потврди посветеноста на Европската унија (ЕУ) на европските интеграции на регионот, но ќе стане збор и за војната во Украина и за енергетската криза.

МАКЕДОНИЈА - Останува досегашниот систем на сметање на времето, односно од викендов ќе почне зимското сметање со кое стрелките на часовникот ќе се поместат еден час назад.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Риши Сунак е назначен за премиер на Британија, на местото на Лиз Трус по оставката минатата недела, која поднесе оставка по само 44 дена на функцијата поради нејзината економска програма, која ги наруши финансиските пазари, ги зголеми трошоците за живот на гласачите и разбесни многу на сопствената партија.

МАКЕДОНИЈА - Во рамките на Првиот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа кој што се одржува во Загреб, претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, му додели на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, Орден „Јарослав Мудриот“. Орденот се доделува за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, за значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот.

САД - Соединетите држави размислуваат да испратат постари системи за противвоздушна одбрана HAWK во Украина за да и помогнат против руските напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети, изјавија двајца американски официјални лица. Пресретнувачот на ракети земја-воздух со среден дострел HAWK би бил надградба на ракетните системи Стингер - систем за противвоздушна одбрана со помал дострел - што САД веќе и го обезбедија на Украина.

ЧЕШКА - Чешка од денеска им забранува влез во земјата на руски државјани со важечка шенген виза издадена од која било земја-членка на ЕУ кои патуваат за туристички, спортски или културни цели. Ова е дел од мерките на чешката влада на засиленото руско бомбардирање врз цивилни цели во Украина.