Норвешка уапси научен истражувач под сомнение дека бил руски шпион

Илустрација: Нафтена платформа во Тромсе

Контраразузнавачката служба на Норвешка уапси човек, кој работел на истражувачки проект на норвешки универзитет, под сомнение дека е руски шпион.

Човекот бил уапсен на 24 октомври во арктичкиот град Тромсе, објави денеска државната телевизија НРК, повикувајќи се на Норвешката полициска служба за безбедност (ПСТ).

Човекот пристигнал во Норвешка во 2021 година, претставувајќи се како бразилски државјанин, но заменик шефицата на ПСТ Хедвиг Мое изјавила дека полицијата верува дека тој е Русин.

Човекот, кој не е идентификуван, претставува „закана за основните национални интереси“ на Норвешка, членка на НАТО, и треба да биде протеран, рече таа.

Службата за безбедност „е загрижена дека тој можеби добил информации за политиката на Норвешка во северниот регион“, а Осло не сака овие информации да дојдат во руски раце, изјавила таа за Асошиејтед прес.

Адвокатот на уапсениот изјавил дека неговиот клиент негира дека сторил нешто незаконско.

Истражувачката група во која учествувал уапсениот ја проучувала хибридната војна.

Администраторот на Арктичкиот универзитет во Норвешка Јорген Фосланд изјави дека лицето било „гостин-предавач“ во училиштето.

Тромсе се наоѓа на норвешкиот далечен север, неколку стотици километри западно од границата со Русија.

Норвешка неодамна обвини руски државјанин за управување со беспилотно летало над норвешка територија, со што ја прекршил забраната воведена по руската инвазија врз Украина. Тој е обвинет за незаконско фотографирање чувствителни локации.