Самит за Украина во Загреб – Нема да се измориме во поддршката на Украина

Видеообраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Првиот парламентарен Самит на Меѓународната кримска платформа во Загреб

Нема да се измориме во поддршката на Украина, порачаа учесниците на Првиот парламентарен Самит на Меѓународната кримска платформа, која во украинско-хрватска организација беше одржан денеска во Загреб.

На собирот учествуваат претставници од над 50 земји и пет меѓународни организации, а организаторите нагласуваат дека меѓу учесниците се сите членови на групата најразвиени индустријализирани земји Г7.

„На Украина ѝ испративме силна порака – ние сме со вас. Ја осудивме незаконската агресија и ѝ порачавме на Русија да се повлече од Украина и да ја прекине војната“, рече претседателот на Хрватскиот сабор Гордан Јандроковиќ.

Во Декларацијата на Самитот се потврдува спремноста на државите учеснички политички, финансиски, дипломатски, хуманитарно и на други начини да продолжат да ја поддржуваат Украина повторно да го воспостави својот територијален интегритет.

Што порача Зеленски?

Преку видеоврска, на собирот се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој рече дека она што се случува на Крим е „привремена окупација“.

„Дури кога Крим биде ослободен, светот ќе почувствува дека е сигурен и дека војната е готова. Во овие тешки времиња ни се потребни три работи: воена поддршка, финансиска поддршка и санкции. Ве молам да го правите тоа што посилно, тоа е темел за идниот мир“, рече тој.

Пелоси – Со Украина сме, ја осудуваме анексијата на Крим

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси, која лично присуствува на Самитот, оцени дека рускиот напад врз Украина е напад врз самата демократија.

„Сите ние овде сме со Украина, ја осудуваме анексијата на Крим, ќе бидеме со Украина додека не ја добие војната“, рече таа.

Пелоси нагласи дека е важно да останат на сила острите санкции против Русија.
„Овде е на коцка самата демократија. Украина се бори за сите нас, за нашата демократија“, рече таа.

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Тини Кокс, се заложи за основање на посебен суд за воени злосторства извршени во војната во Украина.

Орден од Украина за претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук денеска во Загреб му додели на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Орден „Јарослав Мудриот“. Орденот се доделува за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, за значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот.

Од собраниската прес-служба информираат дека покрај Џафери, овој Орден за заслуги го добиле и Ненси Пелоси од САД, Бас Бербел од Сојузна Република Германија, како и повеќе политички личности од Полска, Норвешка, Ирска, Швајцарија, Франција, Естонија, Литванија и Хрватска.

Русија го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина уште во 2014 година. Во февруари годинава, Москва започна воена инвазија врз Украина и окупира делови од украинската територија. Западот ја осуди војната и воведе жестоки санкции против Русија.