Тројца британски министри поднесоа оставки

Новиот британски премиер Риши Сунак

Тројца министри во британската влада денеска поднесоа оставки, неколку часа откако премиер стана Риши Сунак, новиот лидер на Конзервативната партија.
Во момент кога се очекува Сунак да почне да именува членови на новата влада, оставки поднесоа министерот за правда Брендон Луис, министерот за економија и енергетика Џејкоб Рис-Мог и министерката за труд Клои Смит, пренесува Би би си.

Луис на Твитер напиша дека му „била чест да биде еден од министрите со најдолг стаж во владата“ каде што имаше осум министерски улоги во пет ресори под четири премиери.

„Новиот премиер ќе ја има мојата поддршка од последните редови (во парламентот) во борбата со многу предизвици со кои се соочуваме како партија и како земја“, напиша Луис.

Рис-Мог неодамна рече дека не очекува да го задржи министерското место во кабинетот на Сунак, но навести дека е отворен за тоа, велејќи дека ќе „работи сè што сака“ новиот премиер.

Тој денеска рече дека владејачката Конзервативна партија треба да се обедини и да застане зад премиерот за да избегне пораз на наредните избори.

Смит изјави дека ќе го поддржува Сунак од последните редови во Парламентот и дека ќе продолжи напорно да работи.

После хаотичниот шестнеделен премиерски мандат на Лиз Трас, Конзервативната партија се обидува да се консолидира и да го запре падот на својот рејтинг.

Во борбата против економската криза, која ја дефинираше како приоритет, Сунак ќе се обиде ја поврати разнишаната доверба на гласачите во Конзервативната партија, која е на власт од 2010 година.