Две лица полесно повредени во пожар во зграда во Штип

Пожар во зграда во Штип. Станарите велат дека глетката била срашна.

Пожар вечерва избувна во зграда на улицата „Широк дол“ во Штип, по што биле евакуирани станарите. Според надлежните од Итната медицинска помош повредени се две лица.

Пожарот избувнал околу 18:30 часот. Командирот на Противпожарната единица од Штип, ТППЕ-Штип, Дарко Коцев вели дека опожарени се два стана во зградата.

Пожарникарите со маски и боци со кислород ги извлекуваа станарите од зградите, јавува МИА.

Коцев вели дека пожарот е изгаснат и дека на терен биле излезени 16 пожарникари со четри возила на ТППЕ-Штип.

Станарите велат дека глетката била срашна, а пожарот избувнал во стан, во којшто немало струја. Според соседите од зградата, ова не било првпат да се запали овој стан и се сомневаат дека настанал од запалена свеќа.

Надлежните од Итната медицинска помош велат дека двете лица се полесно повредени, а медицинскиот тим им дал и кислородона поддршка.

Полицијата прави увид и ги утврдува причините за пожарот.