Двајца пилоти загинаа во пад на руски воен авион во Сибир

Во Русија за помалку од една недела е забележана втора несреќа на воен авион. На фотографијата: Урнатини по падот на авионот Су-34 во близина на станбена зграда во градот Џејск на 17 октомври на Азовското Море.

Двајца пилоти загинаа при падот на руски воен авион, кој денеска удри во станбена зграда во сибирскиот град Иркутск, објавија регионалните власти, пренесува АП.

Гувернерот на Иркутск Игор Кобзев изјави дека авионот паднал во двокатна зграда.

Локалниот огранок на руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека борбениот авион Су-30 се урнал за време на вежба и слетал на двокатна дрвена зграда, предизвикувајќи пожар.

Ова е втор воен авион кој се урива во Русија за помалку од една недела.

Авионот Су-34 на 17 октомври се урна во близина на станбена зграда во градот Џејск на Азовското Море и експлодира, при што загинаа 15 лица, а 19 други беа повредени.