​​​​​​​Телефонски разговор меѓу министрите за одбрана на САД и Русија за ситуацијата во Украина

Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин

Министрите за одбрана на САД и Русија, Лојд Остин и Сергеј Шојгу, телефонски разговараа за актуелната ситуација во Украина.

Од Пентагон соопштија дека Остин ја нагласил важноста од одржување на линиите на комуникација.

Руското Министерство за одбрана во соопштението на апликацијата „Телеграм“, пак, соопшти дека „се разговарало за актуелните теми за меѓународната безбедност, вклучително и за ситуацијата во Украина“.

Ова е втор разговор меѓу Шојгу и Остин од стартот на руската инвазија врз Украина.

Нивниот последен разговор се случи на 13 мај, неколку дена пред телефонскиот разговор меѓу началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов, и неговиот американски колега, генералот Марк Мили.

НАТО ја поддржа Украина со системи за воздушна одбрана

Односите меѓу Москва и Вашингтон се влошија од почетокот на инвазијата, кога Русија ги обвини САД дека сакаат да го продолжат конфликтот преку обезбедувањето финансиска и воена помош и со воведувањето на санкции против Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека не гледа потреба за лична средба со американскиот претседател Џо Бајден.