Има француско-германски предлог за спорот меѓу Србија и Косово, потврди косовската претседателка

Прага: Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за време на интервју за РСЕ во Прага. 07.10.2022 година

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека во наредните недели ќе има средби со тимовите на германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон со цел да добијат повеќе детали за француско-германскиот предлог.

Пред околу еден месец во јавноста се појави информација дека Франција и Германија на лидерите во Приштина и Белград им дале предлог како да се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји. Овој предлог не е објавен во јавноста и не се знае што точно содржи.

На прес-конференција Претседателката Османи рече дека постои француско-германска иницијатива која има за цел да го интензивира дијалогот меѓу двете земји.

„Се планира многу прашања да се решаваат посебно. Идејата е сите овие прашања да се групираат во еден документ и да се надминат разликите“, рече Османи.

Според неа, „целта на косовските партнери“ е што поскоро завршување на процесот на дијалог.

„Никогаш, ниту еден од партнерите не побара од Косово да се откаже од меѓусебното признавање“.

Вучиќ разговараше со Ескобар за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Претходно пак, на 19 октомври, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за локалната телевизија на Косово Канал 10 изјави дека француско-германскиот предлог не предвидува меѓусебно признавање на Косово и Србија, како што неофицијално се наведуваше во јавноста.

На прашањето дали САД го поддржуваат француско-германскиот предлог, тој одговори дека „што и да предложат европските држави во врска со дијалогот, тоа мора да се сфати сериозно“.

„Ќе го поддржиме“, рече Ескобар и додаде дека, како што им е објаснето, „овој предлог ќе го деблокира Косово, а потенцијално и Србија, на патот кон евроатлантските интеграции“.

Тој рече дека Косово и Србија се блиску до постигнување договор, истакнувајќи дека од колегите од Европа слушнал дека тоа е „прашање на недели, а не на години“.

Медиумите во Косово објавија и дека предлогот засега не предвидува Србија да го признае Косово, туку предвидува признавање на косовската држава од страна на преостанатите пет членки на ЕУ кои не го сториле тоа: Шпанија, Романија, Кипар, Грција и Словачка.