Собранието ја продолжува расправата за избор на уставни судии

македонско собрание

Собранието денеска треба да ја продолжи 88. седница со дебата за избор на Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за челнови на Уставниот суд. Дебатата по ова точка траеше до доцна синоќа, а на седницата зборуваа, главно, пратениците од опозицијата, според кои, ваквиот начин на избор на уставните судии ќе предизвика уставна криза во земјата. Пратеникот од владејачкото мнозинство Панчо Минов истакна дека народните избраници мора да изберат уставни судии и не смеат да дозволат Уставниот суд да не биде функционален. Според него, не смее да се дозволи да дојде до нефункционалност на Уставниот суд, како и дека мора да се има конструктивност во однос на функционирањето на Собранието и да не се дозволи нефункционалност на Уставниот суд.

На кого му одговара сега да не се изберат Уставни судии?

Претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за преседан и побараа одговорност од претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска, која како што рекоа, на незавршена дебата во ова собраниско тело потпишала Извештај и го доставила до Собранието со кој Фатмир и Татјана Васиќ Бозаџијева се предлагаат за уставни судии, и од претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Георгиевска и Џафери многу скоро „ќе се соочат со кривична одговорност“. На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараа пред гласањето за дневниот ред да биде повлечена точката за избор на уставни судии, што не беше прифатено од владејачкото мнозинство. На дневен ред на 88. собраниска седница е и изборот Ристо Пенов за министер за локална самоуправа, но точката беше прескокната, бидејќи предлагачот односно премиерот Димитар Ковачевски е службено отсутен. На оваа седница на дневен ред се и закони за справување со енергетската криза, како и измените на законите за здруженија и за политички партии.