Политичари и фудбалери

ШПАНИЈА - Бразилскиот фудбалер Нејмар денеска пристигна во судот во Барселона, каде што ќе треба да одговори на прашањата за наводната злоупотреба при неговиот трансфер од Сантос во Барселона во 2013 година. Франс прес објави дека 30-годишниот напаѓач на Пари Сен Жермен бил придружуван од неговите родители, кои исто така се гонети во овој случај. Обвинителството побара двегодишна затворска казна за Нејмар и парична казна од 10 милиони евра за корупција. Покрај Нејмар и неговите родители, обвинети се и двајцата поранешни претседатели на Барселона, Сандро Росел и Жосеп Марија Бартомеу, како и поранешниот претседател на Сантос, Одилио Родригез Фиљо.

РУСИЈА - Руски воен авион се урна во близина на висока станбена зграда во рускиот град Јеиск во југозападниот регион Краснодарски крај, кој граничи со полуостровот Крим, предизвикувајќи огромен пожар. Медиумите јавија дека воениот авион од типот Су-24 се урнал додека бил на тренажен лет. Руското Министерство за одбрана соопшти дека причина за падот бил пожар во еден од моторите за време на полетувањето и дека пилотите успеале да се катапултираат.

МАКЕДОНИЈА - Пратениците со 84 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. „Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации“, рече Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ која го образложи предлог законот.

МАКЕДОНИЈА - Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска изјави дека во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини од природен гас за наредниот месец. Според него, досега понуда доставила само компанијата Макпетрол. Тој притоа рече дека очекува да добијат уште две до три понуди. Ковачевски е оптимист дека ќе се најде доволно количини за сите топлани, но и да се задоволат и потребите на ТЕТО.

ГРУЗИЈА - Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили изјави дека нејзината земја може да го промени својот „либерален“ визен режим за руските граѓани. Зурабишвили говорејќи на заедничката конференција во главниот град на Молдавија, Кишињев, по разговорите со нејзината колешка од Молдавија, Маја Санду го нарече „предизвик“ доаѓањето на руските граѓани во Грузија во последните недели предизвикан од мобилизацијата на трупи на Кремљ за војната против Украина.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски по повод„ Отворени денови на Институтот за македонскиот јазик“ посочи на значењето на Блаже Конески и неговото наследството кое, како што рече, е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел во македонскиот идентитет и во македонската национална култура. Тој порача и дека граматиката на македонскиот литературен јазик напишана од Конески е капитално дело со трајна вредност.

УКРАИНА - Украинските власти соопштија дека најмалку шест лица загинале во руските напади врз главниот град Киев и други региони во јужна и источна Украина. Нападите дојдоа по една недела откако руски проектили убија најмалку 19 луѓе низ Украина во најтешкото бомбардирање во последните неколку месеци.

СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека „се додека можеме да издржиме без да ги загрозиме нашите највитални национални и државни интереси, ќе ја следиме политиката утврдена со заклучокот на Советот за национална безбедност“ поврзана со санкциите врз Русија.

ЕУ - Европската унија најавува дека ќе воведе санкции врз Иран поради репресијата за човековите права, а неколкумина претставници на Унијата предупредија на одделни, нови санкции доколку се докаже вмешаноста на Техеран во руската војна против Украина. Министрите на ЕУ треба да воведат забрани за патување и да ги замрзнат имотите на околу 15 Иранци вклучени во владината акција што започна во минатиот месец против демонстрантите огорчени од смртта во полициски притвор на 22-годишната Махса Амини.

БЕЛГИЈА - НАТО ги започна своите редовни вежби за нуклеарно одвраќање во Западна Европа во услови на зголемени тензии со Русија, поттикнати од прикриените нуклеарни закани на претседателот Владимир Путин наспроти воените неуспеси на Москва во Украина. „Во вежбата учествуваат 14 земји и околу 60 авиони од различни типови, вклучувајќи борбени авиони од четврта и петта генерација, како и авиони за надзор и танкер“, се вели во соопштението на Алијансата, нагласувајќи дека вежбата која ќе трае до 30 октомври била планирана пред Русија да ја нападне Украина и не е поврзана со сегашната ситуација. Вежбата ќе се одвива во тренажни летови над Белгија, Британија и Северното Море.

МАКЕДОНИЈА - ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје денеска соопшти дека новите договори за парно греење може да се потпишат на три пункта во Скопје со работно време од понеделник до петок од 08 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот: пункт Центар, на ул. „Кочо Рацин“ бр.33 кај Олимписки базен, пункт Исток, на ул. „Јане Сандански“ бр.49 во населба Аеродром и пункт Запад на улица „Лондонска“ бр.8 во населба Тафталиџе. Новиот носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, кој има обврска да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија во согласност со лиценцата, Законот за енергетика и актите кои ги носи РКЕ воедно порачува дека испораката на топлина нема да биде прекината.