Пакистан го повика американскиот амбасадор по коментарите на Бајден

Илустрација, Пакистан, пренесување на нуклеарни воени глави во Исламабад

Пакистан денеска го повика американскиот амбасадор откако претседателот Џо Бајден во еден од неговите говори го опиша Пакистан како „можеби една од најопасните нации во светот“ и ја доведе во прашање безбедноста на неговото нуклеарно оружје.

Пакистанскиот министер за надворешни работи Билавал Буто Зардари на прес-конференција во Карачи изјави дека Пакистан одлучи да го повика амбасадорот Доналд Блом по коментарите на Бајден на 14 октомври на собирот на средства на Демократската партија.

Бајден во својот говор постави прашање за тоа како треба Вашингтон да се справи со тоа „во однос на она што се случува во Русија?

„И она што мислам дека е можеби една од најопасните нации во светот: Пакистан. Нуклеарно оружје без никаква кохезија,“ додаде Бајден.

Пакистанскиот министер Зардари по ова изјави дека нуклеарните средства кои ги поседува Пакистан се безбедни и сигурни според стандардите поставени од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Премиерот Шехбаз Шариф исто така ги отфрли забелешките на Бајден, велејќи на Твитер дека Пакистан е горд што неговите нуклеарни средства ги имаат најдобрите заштитни мерки.