Најмалку четири затвореници загинаа во пожарот кој изби во затвор во Иран

Илустрација

Четворица затвореници загинаа во пожар што беснееше во текот на ноќта во озлогласениот затвор Евин во иранската престолнина, соопшти судството во Исламската република, која беше потресена од едномесечното протестно движење предизвикано од смртта на Махса Амини.

„Четири затвореници починаа поради вдишување чад предизвикан од пожарот, а 61 се повредени“, објави на својата веб-страницата иранската судска власт, додавајќи дека четворица од повредените се во „тешка состојба“.

Организациите за заштита на човекови права изразија сериозна загриженост и стравување за затворениците откако се слушнаа истрели и експлозии за време на пожарот од внатрешноста на комплексот, кој во видеата објавени на социјалните мрежи изгледаше осветлен од пламен и задушен од чад.

Пожарот кој според тврдењето на властите е ставен под контрола, настана кога Иран е потресен со секојдневни масовни протести поради смртта на 22-годишната Амини по нејзиното апсење за кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.

Демонстрациите се претворија во големо антивладино движење во Исламската република, соочувајќи го нејзиното свештено раководство со еден од најголемите предизвици од соборувањето на шахот во 1979 година.

Евин, познат по малтретирањето на политичките затвореници, држи и странски затвореници и илјадници лица кои се соочуваат со кривични пријави. Стотици уапсени за време на неодамнешните демонстрации, наводно, биле испратени таму.

„Животот на секој политички и обичен затвореник осуден за криминал (во Евин) е во голем ризик“, предупреди во текот на ноќта невладината група за заштита на човекови права (ИЧП) со седиште во Осло. Според видеата на социјалните мрежи властите ги затвориле патиштата што водат до затворот во очигледен обид да ги спречат протестите што се одржуваат надвор од затворот. Но, некои се упатија таму пеш, а скандирањата „Смрт за диктаторот“ можеа да се слушнат во видеата споделени на социјалните мрежи.

Затворот е наречен „Универзитет Евин“ поради големиот број интелектуалци кои се држат таму. Најмалку 108 лица загинаа од почетокот на протестите по смртта на Амини, а најмалку 93 загинаа во одделни судири во Захедан, провинцијата Систан-Балучестан.

Амнести интернешенел остро ја критикуваше „немилосрдната брутална акција“ која вклучуваше „сеопфатен напад врз децата демонстранти“ што доведе до смрт на најмалку 23 малолетници.